октомври 25, 2023

Охрид, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во изложбениот салон при Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вечерва во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата „Издигнување“ од авторот Христијан Томаноски.

Насловот „Издигнување“ е инспирација од стиховите од воведните песни на збирката на Шарл Бодлер „Цвеќињата на злото“. Низ неколку дела проткаени се и други стихови од повеќе автори, поврзувајќи и надополнувајќи ги делата со цел проширување на просторот на самите дела.

– Комбинирањето на повеќе стилови и техники во творењето на дигитални и традиционални скици, илустрации и дизајни во различни ми помогнаа да ја поставам основата за креирањето на визуелниот јазик на оваа изложба. Сега целта, е еден кохерентен јазик на комбинирање на едноставноста и експерименталноста на графиката изразена преку илустративен пристап, вели авторот Томаноски.

Тој е роден во Струга, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со насока графички дизајн. Работел како едукатор за визуелни уметности и дизајн. Се занимава со графички дизајн, илустрација. Еден е од основачите на здружението ИНКА. Работел на сценографијата на Струшките вечери на поезијата (СВП) и како дел од тимот за продукција на фестивалот. Од 2018 година работи како соработник за визуелни уметности во НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Изложбата ќе биде поставена до 2. ноември 2023 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука