Охрид/Скопје, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во охридскиот регион се мапирани 36 јавни објекти – загадувачи на воздухот. Ова го покажуваат податоците на Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“.
Според мапата се гледа дека станува збор за објекти од јавното здравство, училишта, градинки, институции под државна и локална капа, но и други установи кои склучиле договори за набавка на екстра лесно масло за домаќинство.
Со оглед на тоа што државниот, но и локалните буџети за следната година се во подготовка, од „Шанса за Центар“ апелираат за обраќање и своевиден притисок до пратениците за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот, а до советниците, борбата против загадувањето да биде насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти.
– Да ги притиснеме пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та во нивните изборни единици и да дадеме шанса на сите општини да станат почисти. Во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа, велат од „Шанса за Центар“.
Оттаму извршија обележување низ цела држава, при што се утврдени близу 700 јавни објекти – загадувачи и додаваат дека за нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива