Охрид, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – По успешно реализираниот проект во минатогодишниот циклус, Општина Охрид и оваа година е дел од ЦИППС програмата за Ко-дизајн за одржливи, еластични и инклузивни јавни простори и услуги од Универзитетот „Лунд“ од Шведска.
Веќе е формиран работен тим од стручни лица, координиран од обучен тренер на Општина Охрид. Во реализацијата на проектот планирано е да се вклучат и претставници на Национален парк „Галичица“.
За таа цел денеска во просториите на националниот парк се одржа состанок на кој присутвуваа членовите на работниот тим, претставници на стручните служби на НП „Галичица“ и реномираните професори и програмски ментори од Лунд универзитетот, проф д-р Јохана Алкан Олсун, истражувач во Центарот за еколошки и климатски науки и проф д-р Илхами Алкан Олсун, Главен консултант од Раул Воленберг Институт.
– Во фокусот на состанокот беше претставување на нацрт проектот пред менторите од универзитетот како и презентација на НП „Галичица“. Нацрт проектот предвидува подготвка на едукативна патека со автохтони растенија (билки) кои се типични за планината Галичица, а планирано е да бидат организирани повеќе работилници во кои ќе бидат опфатени ученици од основните училишта, но и други заинтересирани страни, информираат од Општина Охрид.
Шведскиот Универзитет „Лунд“ е основан во 1666 година и постојано е рангиран меѓу најдобрите 100 Универзитети во светот. Има околу 44.000 студенти и повеќе од 8.000 вработени со седишта во Лунд, Хелсингборг и Малме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива