Избор Општина Дебрца Охрид ТОП ВЕСТИ

Втора интервенција на Планинската спасителна служба за евакуација на безживотно тело од тешко пристапен планински терен (Фото/Видео)

Охрид, 25. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид, во 15:04 часот доби повик од жител на селото Брежани, Општина Дебрца, со информација дека високо над селото, шеесет годишно лице починало додека собирало шумски плодови.

– Поради далечината и тешко пристапниот терен, беше побарано наше вклучување, со цел спроведување на брза и безбедна евакуација на телото од починатото лице. Согласно протоколот за делување на тимовите од ПСС, бидејќи станува збор за несреќа со смртни последици, опертивниот центар случајот го пријави во СВР Охрид, од каде чекавме понатамошни упатства за делување. Во меѓувреме, беа мобилизирани два тима на ПСС. По проверка на пријавата од страна на СВР Охрид, двата тима на ПСС, во придружба на полициски службеник од СВР и еден тим на Итната медицинска помош од Охрид, се упатија на местото на несреќата. Во 17:00 часот тимовите пристигнаа на местото на настанот, каде од страна на лекар од ИМП беше констатирана смрт, без видливи знаци на насилство. За жал, поради условите во кои настанала смртта, од дежурниот Јавен Обвинител, беше наредено да се изврши увид од страна на Одделот за криминалистичка техника при СВР Охрид, што ја одложи евакуацијата на телото се до 21:15 часот кога тимовите на ПСС го предадоа телото на починатото лице на службата за погребални услуги, информираат од Планинската спасителна служба.

Додаваат дека за жал, ова е втора ваква интервенција, по онаа која се случи на 23-ти септември 2023 година, во близина на Прентов мост, кога животот го загуби работник, кој работел на расчистување на далекуводот од вегетација.

– Во оваа прилика, апелираме до надлежните институции, за поефикасна координација во иднина, со цел зголемување на ефикасноста, но и редуцирање на опасностите и ризиците за луѓето кои се вклучени во изведување на ваквите операции, потенцираат од Планинската Спасителна Служба од каде жалат за изгубените животи и на семејствата на починатите им изразуваат искрено сочувство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ПСС

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука