Охрид, 26. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е сигурно еден од најубавите градови на Балканот, град каде што живее душата на на македонскиот народ. Вака светски познатиот туристички блогер Роберт Дацешин го опишува нашиот град, во третото објавено видео од посетата на Република Македонија.
Вели дека добри десет години имал желба да го посети Охрид и тоа му се остварило. Сѐ што слушнал за градот биле убави работи и во суперлатив, па имал големи очекувања од посетата, што на крај сепак биле вистинити.
– Секој кој бил во Охрид на прашањето „како ти се допадна“ ми одговараше во суперлатив, фалејќи ја историјата, храната, луѓето и секој дел од овој македонски град. Од сите тие приказни, да бидам искрен и моите очекувања од градот беа прилично големи. Очекувањата понекогаш се непријатна работа, бидејќи можеш и да се разочараш ако не биде така како што си замислувал. Она што можам да ви кажам после неколку дена додека бев овде, е воодушевување од она што го видов и го ставам Охрид во редот на најубавите градови штосум ги посетил во животот, вели Дацешин.
Во видеото зборува за историјата на Охрид, езерото, изработката на познатиот охридски бисер. Приказната ја продолжува во Заливот на коските, изворите и манастирот Св.Наум, а опфатени се и црквата Св.Јован Канео и Самоиловата тврдина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива