Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Пуштен во употреба патниот правец Подмоље-Струга-Ќафасан

Струга, 2. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, присуствуваа на пуштање во употреба на патниот правец Подмоље-Струга-Ќафасан.

Рехабилитацијата на државниот пат А2, односно делницата Подмоље-Струга-Ќафасан, чинеше скоро 8 милиони евра, премиерот Ковачевски истакна дека оваа делница е од исклучително значење за овој регион, особено за поттикнување на регионалната соработка, за нови можност за економски врски, културни размени и врски меѓу луѓето на Северна Македонија и Албанија.

– Делницата Подмоље-Струга-Ќафасан има големи економски предности, отвора можности за трговија и инвестиции, отворање нови работни места и подобрена транспортна инфраструктура, што крајно позитивно влијае врз поттикнување на економскиот раст на двете држави. Државниот пат А2, се поврзува и со Коридорот 8, што е од клучно значење за поврзување на нашата земја не само со регионот, туку геостратешката позиција на Коридор 8, овозможува да станеме неизбежна транспортна рута со европските земји, рече премиерот Ковачевски.

Министерот Бочварски рече дека Министерството за транспорт и врски работи и на проект за рехабилитација на инфраструктурата на граничниот премин Ќафасан како и поставување на нов видео надзор.

– Веќе активно се реализира и договорот за изградба на автопатските делници од Коридор 8 и 10 д, кои ќе дадат комплетна нова слика во модерна и нова патна мрежа во земјава. Ова е најголемиот, најзначајниот капитален проект и ние како Министерство заедно со ЈП за државни патишта сме силно сконцентрирани за навремена реализација и изградба и на овие автопатски делници. Европската иднина на земјава е загарантирана и затоа ни се потребни нови квалитетни патишта заради подеднаков развој на сите региони, рече министерот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука