Охрид, 3. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Детската градинка „Јасна Ристеска“ годинава на Денот на ослободувањето на Охрид, 7. Ноември, ќе одбележи значаен јубилеј, 60 години од основањето.
Во изминативе шест децении во претшколската установа биле згрижени и израснале голем број деца.
– Градинката е средина во која децата се формираат како здрави личности, кои стекнуваат вештини, способности, навики, другарувања преку воспитно-згрижувачкиот процес. Тимот кој се грижи секојдневно за нашите дечиња, години работи посветено, со многу внимание, љубов и мотивација. Чест и задоволство е да се биде дел од установа како детската градинка „Јасна Ристеска“, вели за Супер радио и OhridPress директорката Ирина Милеска.
По повод патрониот празник на градинката предвидени се низа активности.
Во вторник, на 6-ти ноември во објектот „Централна“ во 12:30 часот ќе се одржи промоција на книгата „Детска градинка Јасна Ристеска“ од авторот и промотор д-р. Никола Митровиќ со поддршка на градоначалникот Кирил Пецаков и Општина Охрид.
На 7-ми ноември во 10:00 часот во селото Рамне ќе биде положено свежо цвеќе пред бистата на Јасна Ристеска. Ќе настапат дечињата од објект „Развигорче“ од 4 до 5 годишна возраст со стихотворбата „Празнична песна“. Во 12:00 часот во објект „Централна“ ќе се оддржи заедничка средба со вработените и пензионерите од детската градинка.
Вечерта од 17:00 до 19:00 часот во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се оддржи свечена приредба од дечињата на возраст од 5 до 6 години. На приредбата учествуваат 294 дечиња заедно со воспитните тимови. Оваа година тема на приредбата е „Охридска староградска песна“
Инаку, младата партизанка Јасна Ристеска, чие име го носи градинката, родум е од селото Рамне и пред 79 години, на 7-ми ноември 1944 година била меѓу борците кои се бореле и ги положиле своите животи за слободен Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес