Охрид/Струга, 6. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Поради обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија подрачјето на Општина Струга, евидентно е нарушување на квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга, по однос на параметарот матност.
– Од извршените првични, хемиски анализи на водата за пиење од Градскиот водовод во Струга, од страна на екипи на Центар за јавно здравје Охрид, претпладнево, 6-ти ноември 2023 година, констатирана е зголемена вредност на параметарот матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните. Поради тоа и согласно Правилникот за безбедност на вода, водата од градската водоводна мрежа во Струга и селата приклучени на градската водоводна мрежа, не е здравствено безбедна и истата не треба да се користи за пиење, информираат од Центарот за јавнос здравје од Охрид.
Додаваат дека согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби за натамошно постапување.
– Во координација со надлежните институции, континуирано ја следиме состојбата со квалитетот на водата за пиење од градската водоводна мрержа во Струга и навремено ќе информираме за секоја промена, потенцираат од Центарот за јавно здравје Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес