февруари 4, 2015

Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското село Куратица ноќеска наврнаа нови 25 сантиметри снег, со што снежната покривка достигна и до половина метар.

Од месната заедница во селото велат дека интензивно се работи на расчистување на локалните улици и овозможување проодност во сите делови на ова населено место.

kuraticasnegfevruari5

– Од претходниот пат останаа околу 25 сантиметри снег, а исто толкаво количество наврна и ноќеска што значи дека снежната покривка изнесува околу половина метар. Фирмата „Марково Долче“ интензивно работи на расчистување на патната мрежа во селото и засега нема поголеми проблеми, информира Горан Ангелоски, претседател на Месната заедница во Куратица.

kuraticasnegfevruari6

Според него и наставата во основното училиште во селото што ја следат 26 ученици денеска се одвивала нормално.

Куратица денеска има електрична енергија што не беше случај и за време на викендот кога жителите повеќе од два дена имаа прекин во снабдувањето.

– Од саботата до понеделникот во поладневните часови селото немаше електрична енергија. И во текот на вчерашниот ден имаше прекин во траење од околу два часа, појаснува Ангелоски.

kuraticasnegfevruari4

Прекините на електричната енергија во ова село се чести, се жалат жителите. Тие велат дека не само во зима, туку и во летниот период се случува селото да остане без струја, а така беше и за време на новогодишните празници кога прекинот траеше речиси една седмица. Тоа беше причина, жителите од Куратица, на 2.јануари да излезат на протест пред подружницата на ЕВН Македонија во Охрид и да побараат да се реши нивниот горлив проблем.

kuraticasnegfevruari3

– Во Куратица има околу 300 редовни жители. Струја во селото имаме добиено пред педесет години. Толку години паѓаат снегови, и поголеми и помали, но да немаме толку денови струја, никогаш не се случило, ни изјави 75-годишниот жител на Куратица Веле Мицкоски кој заедно со останатите мештани протестираше пред ЕВН. (Крај)

извор:ОхридПрес  фото:архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука