Охрид/Струга, 10. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Водата од градскиот водовод во Струга е здравствено безбедна, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.
Денес завршила комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на примероците на вода за пиење земени на 7-ми овој месец од градската водоводна мрежа во Струга.
– Сите анализирани параметри на земените примероци на вода се во законски дозволените граници, што значи дека согласно Правилникот за безбедност на вода водата од Градскиот водовод во Струга е здравствено безбедна.
Извештаите од анализите се испратени до надлежните инспекциски органи за натамошно постапување, велат од центарот.
Оттаму со апел до жителите на Општина Струга и околните села приклучени на Гградскиот водовод да бидат претпазливи при користење на водата за пиење, особено за време и неколку дена после обилни врнежи од дожд. Имено, доколку водата која тече од чешмите е видливо матна и истата не се избиструва после течење на чешмата од 3-5 минути, да се избегнува користењето на таквата вода за пиење.
Додаваат дека Центарот за јавно здравје Охрид континуирано ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење во општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа и навремено информира во случај на детектирани отстапувања на квалитетот на водата за пиење. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива