ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Охрид нема да биде зелен

Охрид, 14. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS со став дека Нацрт Стратегијата за развој на зеленило (2023-2032), подготвена од Општина Охрид е уште еден супстандарден документ кој е наменет само за штиклирање на листата задачи, а не за реално спроведување.

Додаваат дека, дури и овој документ да биде спроведен, Охрид нема да има зеленило, затоа што, според нив, таканаречената стратегија е фалична од почеток до крај.

– Изработена е исклучиво од антропоцентричен аспект како зеленило за човекот и за никој друг, а дури и тоа е фалично. Освен 10 видови дрвjа, во неа не се спомнува НИТУ еден животински вид, нема ниту еден инсект, ниту една птица. Не се прави никаква разлика помеѓу староста на дрвjата, секое едно дрво е само бројка, не се прави разлика меѓу видовите дрвjа (пр. чинар или од украсните долж Амамот кои никогаш нема да развијат крошна). Дрвјата не се третираат од аспект на нивните екосистемски услуги: прочистување на воздухот; апсорпција на звук; секвестрација на јаглерод; заштита од поплави; поддршка на биодиверзитетот и автохтони видови. И во тој контекст анализа на нивната отпорност на суша, бури, пожар, хранливи материи; урбана отпорност; алергиска стимулација итн. Климатските ризици воопшто не се земени во вид. Ниту блатните екосистеми, ревитализација на загубеното зеленило, унапредување на живеалиштата во Мазија, Билјанини извори, брегот на реките и на Студенчишко Блато. Отсуствуваат стратешки чекори – нема анализа на состојбата на зеленилото, и освен наведени (без образложение за избор) локации, нема никаква стратегија за тоа како избраните локации ќе бидат озеленети или унапредени. Се планираат зафати кои воопшто не се анализирало дали се потребни и изводливи, дали се економски исплатливи (како на пример зелени ѕидови). Спротивно на постоечките стратешки документи (Национална стратегија за биолошка разновидност, ЛЕАП) и препораките на УНЕСКО, се планира садење неавтохтони видови од кои еден е на листата на стоте најинвазивни, неавтохтони видови во Европа. Акцискиот план изгледа како позајмен шаблон кој изработувачите заборавиле да го пополнат. (Ве обзема срам додека го разгледувате). Акцискиот план по дефиниција има мерки, активности, индикатори кои треба да покажат дали и во колкава мера целите се исполнети, рокови, буџет. Но, во овој на Општина Охрид, во ставката „индикатори“, постојано се повторуваат: Намалено загадување; намален број на заболувања; зголемен процент зелени површини; зголемена јавна свест. Ова не се индикатори, туку листа желби. Ниту се знае преку кои индикатори ќе се мерат, ниту има определена посакувана состојба за дадени временски периоди во текот на десетте години за кои стратегијата се однесува, за колкав процент, кој вид зелена површина треба да се зголеми. Со вакви „индикатори“ реализацијата не може да се следи, ниту пак да се знае дали е таа успешна. Стратегијата нема буџетски ставки, ниту се знае колку ќе чини секоја активности, ниту од каде ќе се обезбедат средства. Нема ни распределба на одговорности т.е. кој ќе подлежи на одговорност за неспроведување, потфрлање во спроведување на мерките. Најзасрамувачки аспект на овој документ е фактот што голем дел од текстот е плагијат – од збор-до збор сечи/лепи од веб-страници, некои дури комерцијални, кој ниту се анализирал, ниту се ставил во локален контекст. Така, документот не добил содржина на стратегија за зеленилото на Охрид, туку станал збирштина на општи написи со полупразен акциски план, потенцираат од Охрид SOS од каде прашуваат кој тоа во Општина Охрид му ја крои (реално сече) иднината на зеленилото?!

Од Граѓанската иницијатива потсетуваат дека на 27-ми октомври 2023 година поднесле коментари кон овој документ.

– Се надеваме дека овој пат Општина Охрид нема да се крие зад мистериите на интернетот т.е. дека не добила коментари од Охрид ЅОЅ. Прием не потврдија. Меѓутоа, очекуваме сите наши коментари и сугестии да бидат земени во вид и вградени во следната верзија доколку навистина сакаат да го раззеленат Охрид, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Охрид ЅОЅ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука