Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на детето

Скопје, 20. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денес, на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да го сврти вниманието на широката јавност за сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и најважните проблеми со кои тие се соочуваат.

Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високоранлива општествена група која лесно може да биде изложена на злоупотреба, насилство и експлоатација.

Светскиот ден на детето за првпат во 1954 година беше прогласен за Универзален ден на детето и се слави секоја година на 20-ти ноември за да се промовира меѓународното заедништво, потребата од заштита на правата на децата и подобрувањето на нивната благосостојба.

За жал, сé уште има деца кои живеат на работ на егзистенција, без доволно храна, без можност за образование и здравствена заштита. Токму затоа, не само 20-ти ноември, туку секој ден треба да биде ден на детето. Светот мора да се обедини во подигање на свеста за детските права. Земјите мора суштински да ги зајакнат своите механизми за подобрување на благосостојбата на децата и да обезбедат подобри услови за живот. Само преку заеднички и координиран пристап ќе се создадат услови за безгрижно детство, за развој на квалитетно образование, со еден збор – услови за воспитување на идните градители на светот.

Не смееме да заборавиме дека вложувањето во децата е вложување во иднината, тие имаат право да живеат во демократски хумано општество, да се воспитуваат и да учат, со цел да се надоградуваат и добро да се подготват за сите предизвици во животот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука