Забава Избор Свет

Ретко шкотско виски се продаде на аукција за рекордни 2,7 милиони долари

Лондон, 20. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Ретко шише виски достигна цена од 2,7 милиони долари, станувајќи највредниот алкохолен пијалак што се продал на аукција.

„Макалан сингл малт“ од 1926 година е едно од најбараните шишиња шкотско виски на светот, при што на вчерашната аукција на „Сотбис“ постигна цена двојно поголема од проценетата.

Шефот на одделот за виски на „Сотбис“ изјави дека пробал само капка од вискито пред да почне да се продава.

– Многу е богато, има многу сушено овошје, многу зачини и многу дрво, изјави Џони Фоули.

Вискито зреело 60 години во дабови буриња пред да биде флаширано во 1986, како едно од само 40 примероци. Тие не биле наменети за продажба, туку како подароци за најдобрите клиенти на „Макалан“ и кога и да биле понудени на аукција во изминатите години, секогаш постигнувале извонредни цени, како 1,5 милиони фунти во 2019.

Од „Сотбис“ велат дека сите 40 шишиња имале различни ознаки и не е познато колку се зачувани. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука