Охрид, 23. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Свети апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј.
Сите беа од Седумдесетте апостоли. Последните тројца се прославуваат и на друг датум, и тоа: Родион на 8-ми април, Сосипатар на 28-ми април, а Терциј на 30-ти октомври. Светите Олимп и Родион беа следбеници на апостолот Петар и кога тој пострада пострадаа и тие, на заповед од Нерон беа обезглавени.
Ераст беше најпрво економ на Црквата во Јерусалим, а потоа епископ во Панеада Палестинска. Кварт беше епископ во Бејрут, многу страдаше, но и многумина ги приведе кон Христовата вера. Сосипатар беше епископ во Иконија, а Терциј беше втор епископ во истата таа Иконија.
Духовно војуваа, станаа победници и зедоа венци на невенлива слава.
Тропар
О, свети апостоли, Христос Спасителот во вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете. За Олимпа и Родиона маченици Ерост и Кварт, Сосипатар и Терцие епископи, Свети чувари на Божествените повелби, молете се за нас о, вие кои послуживте како бисери на Љубовта, за родот човечки. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива