ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Чолески: Целта ми е да обезбедиме клима за конструктивна работа на карате натпреварувачите, тренерите и селекторите

Охрид, 28. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Дејан Чолески од КК „Чоле“ од Охрид е нов претседател на Карате федерација на Република Македонија.

Во разговор за Супер радио и OhridPress тој открива што ќе биде приоритет во работата како предводник на федерацијата. Додава дека заинтересираноста за тренирање карате конкретно во Охрид е задоволителна.

Супер радио: Кои се чекорите што најпрво ќе ги преземете како прв човек на Карате федерацијата на Македонија? Колку клубови обединува федерацијата?

Чолески: Најпрво сакам да посетам што е можно повеќе клубови и да направам средба со тренерите од каде што ќе се приберат евентуални предлози. Инаку федерацијата обединува 75 активни клубови.

Супер радио: Кои ќе бидат целите и приоритетите во вашето предводење на федерацијата?

Чолески: Во иднина моите планови се да обезбедиме клима за конструктивна работа на натпреварувачите, тренерите и селекторите, a потоа заедно да ги конструираме и планираме активностите и формата на натпреварувачите. Да се зголемат соработките со надлежните инстанци како Агенција за млади и спорт и Олимписки комитет. Сето тоа е лесно кажано, но потребно е огромно вложување на време и работа.

Супер радио: Вие сте тренер во карате клубот „Чоле“ од Охрид, лани одбележавте 20 години постоење. Се тренира спортско карате. Колку сте задоволни од одзивот, дали младите сакаат да се занимаваат со овој спорт?

Чолески: Заинтересираноста е задоволителна и сите што доаѓаат сакаат веднаш да бидат прваци, а за да се дојде до тоа потребна е напорна работа и дисциплина, па не сите остануваат да продолжат.

Супер радио: Дали меѓу членовите на охридскиот клуб има такви кои достојно ќе ја претставуваат Македонија на значајни првенства. Впрочем лани по цели 12 години Охрид имаше свој претставник на Европско карате првенство што се одржа во Прага, тоа беше Мартина Петреска.

Чолески: Секако, во клубот како и во минатото така и сега вежбаат тренери и натпреварувачи кои се носители на повеќе балкански медали. Тренерот Мартин Петрески е носител на европски медал, како и повеќе пласмани до 9-то место на европски, балкански и медитерански првенства. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука