Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Советниците ја изгласаа Нацрт-програмата на ТППЕ Охрид, предвидена е набавка на нов противпожарен камион

Охрид, 30. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Советот на Општина Охрид на денешната 35. седница ја изгласа Нацрт-програмата на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Охрид за 2024 година.

Со 17 гласови за и еден воздржан доби зелено светло програмата со која е предвидена набавка на нов противпожарен камион.

– За нас е од големо значење ова обновување на возниот парк, кој моментално е со просечна старост од 40 години. Имајќи го во вид фактот дека Охрид не е ист град вон и во сезона, ТППЕ Охрид врши противпожарно обезбедување на високи преставници и манифестации, особено во летниот период. Со набавка на нов противпожарен камион со голем капацитет на вода ќе бидеме далеку поефикасни, а со самото тоа ќе се зголеми безбедноста и на постојаните жители и на туристите, вели за Супер радио и OhridPres Борко Јанкулоски, командир на Територијалната противпожарна единица Охрид.

Додава дека за нормално функционирање на единицата има многу реални трошоци за гориво, регистрација, хигиенски и канцелариски материјали, административни трошоци, колективно осигурување, поправка, сервис и гуми за противпожарните возила, полнење и сервис на противпожарни апарати, тековно одржување на противпожарниот дом и сл. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука