Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Градежни работи на локацијата каде е најавена изградба на хотели кај каналот „Студенчишта“

Охрид, 1. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве се забележителни поголеми градежни работи на локацијата каде е најавена изградба на хотели покрај каналот „Студенчишта“.

Веќе четири години на ова место се очекуваше стартот на изградбата на двата луксузни хотели од типот на Hilton, Hyatt, или друг сличен светски бренд, како што своевремено се најавуваше.

На почетокот на март 2019 година, во присуство на полиција, правни застапници и ангажирана механизација започна постапката за извршувањето на имотот на ГП „Трудбеник“, кој согласно решението од судот го презеде компанијата „Фибула ер травел“.

Според договорот склучен со државата уште во 2011 година, на оваа локација „Фибула ер травел“ требаше да изгради два хотели.

За истата локација слични најави имаше и десетина години претходно, во 2009 година, кога беше потпишан и договор вреден 33 милиони долари со инвеститор од САД со македонско потекло за изградба на хотел со 5 ѕвезди на околу 15 илјади м2. Луксузниот хотел тогаш беше наречен „Окото на Охрид“, по теркот на познатиот хотел во Дубаи.

Слична судбина имаат барем уште три атрактивни локации на брегот на Охридското Езеро. Првата, веднаш до хотелот „Инекс Горица“, како хотел кој требаше да биде дел од меѓународниот ланец на хотели „Small Luxury Hotels“, втората кај поранешната Детска болница во населбата „Св. Стефан“, а секако тука е и хотелот „Палас“ во строгиот центар на градот кој е затворен од 2001 година, а од 2009 година е заштитен споменик на културата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука