Здравје Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Во Игротеката „Радост“ денеска се славеа различностите, на Охрид му е неопходен Дневен центар за згрижување на децата со посебни потреби

Охрид, 1. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Игротеката „Радост“ лоцирана во охридската Касарна, со посебен настан „Славење на различностите“, денеска се одбележа 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Ова е едно катче кое е пристапно и безбедно, каде што децата со посебни потреби можат да го остварат своето основно право на игра, вели Весна Габелоска од Здружението „Вопс“ од Охрид.

– Во текот на денот се згрижени децата, родителот може да го остави детето за да заврши некоја работа, имаме две негователки кои ги чуваат дечињата. Како Здружение „Вопс“ организираме работилници  со мајките и со останатите членови на семејството, затоа што многу ни е важно да го зајакниме семејството, затоа што овие се големи проблеми со кои што се соочуваат и некако слабеат тие семејни врски, па сакаме повторно да го вратиме семејството, да биде заедно. Овие деца се некако осудени да останат дома, па тука им се разбива монотонијата и добиваат малку поинаков живот каков што треба да имаат, како и сите други дечиња. За жал не можам да кажам дека во нашата држава ние сме на некое завидно ниво, дека нешто големо се случило. Работите се поместуваат, но многу споро. Ние сме благодарни до Општина Охрид затоа што го имаме овој простор, кој за нас е од големо значење. Се надеваме дека во иднина државата и општеството ќе развијат поинаква свест за да ги вклучат овие лица како една посебна категорија на граѓани и да им обезбедат услови за функционирање. И тие се еднакво вредни како и сите други, меѓутоа потребно е да им се даде шанса, потенцира Габелоска.

Таа е со став дека на Охрид му е неопходен Дневен центар кој би ги згрижил овие деца на содветен начин, каде што тие ќе добијат едно место, каде достоинствено ќе го поминат денот, ќе добијат терапија, која им е неопходна за нивниот развој.

– Нашиот проект со Дневен центар беше одобрен од Министерството за труд и социјална политика. Минататата година, во декември го потпишавме договорот. Меѓутоа се соочивме со проблем со просторот, кој нам ни го даде општината, која всушност е и апликант за овај проект. Меѓутоа, овај проблем околу просторот требаше да оди на гласање на Влада и тука настана голем проблем. Додека се собираат сите документи, што трае со месеци, работите се заглавуваат, така што ние сега уште не сме завршиле со процедурата и не знам дали навреме ќе завршиме за да започне реализацијата на тој проект. Многу ќе ми биде жал, ако не успееме да го реализираме затоа што со години се бориме и кога стигнавме до некаде, како да се враќаме, децидна е Габелоска.

Станува збор за Грант од Светска банка и сите активности треба да бидат завршени до јуни 2024. година. Во тој период Здружението имаше шест месеци за опремување, за лиценцирање и еден месец за давање на услугата. Веќе сме декември, а барањето се’ уште не е ставено на гласање на Влада, која немала ниту седница каде оваа точка била на дневен ред.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се слави секоја година на 3-ти декември ширум светот. За прв пат беше прогласено годишното одбележување на овој меѓународен ден во 1992 година со резолуцијата 47/3 на Генералното собрание на Обединетите нации. Почитувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост има за цел да промовира разбирање за прашањата за попреченост и да мобилизира поддршка за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со попреченост. Посветеноста на Обединетите нации за исполнување на сите човекови права за лицата со попреченост е зајакната со широко ратификуваната Конвенција за правата на лицата со попреченост и со 2030 – Агендата за одржлив развој.Тема за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во 2023 година е „Обединети во акција за спасување и постигнување на Целите за одржлив развој, кои се за, со и од лицата со попреченост“.

Со оглед на повеќекратните кризи на денешниот свет, постигнувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР) е во опасност. Во средината од периодот на имплементација на Агендата 2030 година, светот не е на пат да постигне бројни цели до 2030 година. За жал, најсиромашните и најранливите во светот често се најтешко погодени во време на криза. Прелиминарните наоди од претстојниот Извештај на ОН за попреченост и развој за 2023 година покажуваат дека напредокот не е добар и постои опасност од неисполнување на неколку ЦОР за лицата со попреченост.Нашите напори да ги спасиме ЦОР за, со и од лицата со попреченост треба да се интензивираат и забрзаат, имајќи предвид дека лицата со попреченост историски биле маргинализирани и честопати биле меѓу оние кои се најдалеку оставени. Суштинската промена во посветеноста, солидарноста, финансирањето и делувањето е критична. Составен дел на ова е вклучувањето на гласовите, потребите и приоритетите на глобалната заедница на лицата со попреченост во сета нивна различност. Охрабрувачки е тоа што со усвојувањето на Политичката декларација на неодамнешниот Самит за ЦОР, светските лидери повторно се обврзаа на постигнување одржлив развој и заеднички просперитет за сите, со фокусирање на политиките и активностите што ги таргетираат најсиромашните и најранливите, вклучително и лицата со попреченост.Ова бара повторно засилени напори од страна на земјите-членки, системот на Обединетите нации, граѓанското општество и глобалната заедница на лицата со попреченост, преку засилени акции и меѓународна соработка, да ги направат ЦОР реалност за, со и од лицата со попреченост. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука