Охрид, 3. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со дозвола од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
За берберите во Охрид
Овде ќе ги спомнам неколкумина од постарите бербери, вие ќе дополните…
Ко дете одев к’ј Димче Упевче. Дуќанот му беше на ќошот к’ј плоштадот. Таму се береја ногу луѓе од градов на муабет. Берберов си бричит, тие си прает муабет, се разбират по некој од нив малу и си пиет и така врвит денов. Од луѓево кој ги сретвев таму ги памтам Климе Бале, Андон Радич, Зија од Цанковци кој работаше во кондураџиската задруга „Илинден“ на Табана, Стефан Љатко, Стефо Масло, попојте Смилјан и Ѓорги и ногу други.
Имат појке муабети и настани, овде ево еден:
Обично секогаш во дуќанот имало нешчо за пијајне. Покрај Димче, пијајне носеле и луѓето шо идале таму на муабет. Е сега секаде и секогаш имало луѓе со разни табиети. Имаше еден инспектор од општина. Имал обичај да дојт на дуќан, да се напијат а никогаш не носел нешчо за пијајне. Еден ден, во шише од пиво му туриле моч (тогаш имаше кафеави шишина од пиво и не се гледало шо имат н’тре). Овај дошол, трнал од шишето и му паднало чудно.
– Аре нешчо денеска пивово ногу горчит – им рекол.
Таму шо биле луѓево му велет:
– Ам горчит зато шо од долу е точено.
Од тогаш не влегол веќе в дуќан.
Едно време во дуќанов работаја и Климе Патче, Еркан од Воска (летово почина), Шашко. Шашко беше убав висок чоек, работал во Белград во берберница на Теразије. Секогаш кажвеше дека во Белград ги шишал фудбалските тренери Миљаниќ, Топлак, Рајко Митиќ. Обично од на работа во берберница го гледавме во Палас невечер. Умре млад, немаше ни пеесет години.
Од то време беше и Драго Мише.Имаше берберница сред чаршија. Тој беше еден од ретките бербери коj го пренесе занетот на синојте Славчо и Ристе.
Погоре од него имаше берберница Раиф од Карабегомала. Берберницата се викаше „Спорт“. Таму одеја спортисти, тренери, функционери од општина. Ако некаде се играше фудбал к’ј него се слушаше пренос на радио.
Каршија него к’ј Амамот беше берберската задруга „Нов живот“ со Сабип, Невзат и после Абдула. До нивниот дуќан имаше и дуќан со женски фризерки.
На крајот од чаршија пред чинарон имаше берберница „Тоска“ во која имаше и стол со којнче за мали деца. Имаше берберници и Кошишча, Воска, каршија Електро дистрибуција, к’ј чинарон Влашка мала и други. Тогаш од дома и од нашкола не не’ oоставаја да носиме долга коса. Се шишавме кратко „германски“. Некаде на почетокот на седумдесеттите години под влијание од запад, групата „Битлси“, хипиците од Америка во Охрид се јавија фраери со долги коси, бакембарди (цулуфи). Сите ги знаевме кој беја првите Битлси од Охрид.
Денеска имат ногу берберски дуќани, берберите имет секаква опрема, се прает разни фризури ама за нив друг ќе пишит.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината