Охрид, 5. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Интернационалниот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, Гласот на Охрид, легендарната спикерка и радио водителка Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска се годинешни добитници на Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2023 година.
Комисијата во состав Перчо Божиноски – претседател, Бојан Михајловски – заменик претседател и членовите Арбен Демироски, Наум Јамандиев и Горан Стојаноски одлуката ја донесоа едногласно.
„Поетска ноќ во Велестово“ е интернационален поетски фестивал и е најзначајниот меѓународен настан од областа на поезијата во нашиот град и го привлекува вниманието на поети од цел свет.
Леонора Чекреџи беше спикерка и водител која својата 40 годишна кариера ја помина во Радио Охрид. Таа беше најпознатиот глас на Охрид, кој му даваше боја и убавина на градот. Почина неодамна и признанието го добива постхумно.
Христијана Парулеска оваа година постигна историски врвни спортски успеси во индивидуални спортови. Беше прогласена за најдобра кадетка на Европското првенство. Таа го достигна европскиот трон и стана европска првенка со освоени два медали, златен во борба и сребрен во категоријата борба со замислен противник.
До Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија беа пристигнати пет пријави. Покрај пријавите на гореспоменатите беа и кандидатурите на Сашо Димоски и Лила Каранфилоска.
Поетот, драматург и романсиер Јордан Плевнеш е годинашен добитник на наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес