ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

046 За Охрид се зборува! – Досие „Охридски пратеници, мандат 2020-2024“

Охрид, 7. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Велат дека многу пари и многу моќ сериозно ги расипуваат луѓето. Во принцип луѓето и не се менуваат многу, но моќта, парите, зголемената видливост и популарноста, придонесуваат само повеќе да се експонираат карактеристиките кои навистина не красат, по што сите имаат можност да не видат какви сме реално…

Пратеничкиот мандат за многумина е врв на кариерата, за некои задоцнета памет и каење… За други можност за лесно збогатување, за сите пат до успехот во животот.

Редакцијата на OhridPress периодов наназад спроведе анкета на која граѓаните можеа да го дадат ставот за тоа кој од охридските пратеници од 5 ИЕ најдобро ги штити интересите на Охрид во Собранието на Република Македонија? На резултатите кои ги добивме можете да им верувате, може и да не им верувате. Партиските штабови и ботови секако работеа, но од технички аспект се направи се’ што е возможно, се спроведоа сите безбедносни мерки, можеше да се гласа само од една IP адреса и ако не друго, најчисто ќе може да се види кој како стои интерно и внатре во партиите.

Кратко потсетување на изборниот процес од 2020 година

За пратеничкото столче таа година се бореа и изборија д-р Кирил Пецаков и Лидија Петкоска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Жаклина Лазаревска и Лазе Танески од СДСМ. По изборот на Пецаков за градоначалник на Охрид, на почетокот на ноември 2021 година на неговото место дојде д-р Грација Бакраческа. Од Охрид е и пратеникот Александар Николоски, но на изборите таа година, тој беше избран за пратеник во 4 Изборна единица.

Дали и понатаму само партиската погодност и блискоста до победничката струја во партијата ќе бидат доволни за да стане некој пратеник. Што говорат искуствата, кој што предложил и остварил, кој што направил, кој како патувал од Охрид кон Скопје и колку сите нас заедно не чинело тоа?

Какви пратеници имаме и какви треба да имаме во новиот парламентарен состав?

Првичните анализи и податоците од трите истражувања спроведени од Институтот за демократија како и од официјалната веб страна на Собранието на Република Македонија, во сегментот „Мојот пратеник“, носат фрапантни податоци за активноста и прашање дали дел од нив знаат дали водата во чашата на Собраниската говорница е минерална или природна.

Но, да одиме по ред. Кој тоа не претставуваше во Собранието изминативе скоро 4 години и кој би бил фото-роботот на идниот пратеник, кој ќе се бори за интересите на Охрид.

За направеното во досегашниот мандат, иницијативите и проектите кои ги започнале или спровеле за Охрид, што можело, а не се направило, идните планови и ангажмани, во „046 За Охрид се зборува!“ разговаравме со Лидија Петкоска и д-р Грација Бакраческа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а требаше да разговараме и со Жаклина Лазаревска и Лазе Танески од СДСМ.

046 е ова и за Охрид се зборува…

Во однос на меѓусебните прозивки и обвинувања, мандатот за охридските пратеници помина релативно мирно и без поголеми бранувања, што се засилува како што наближуваат изборите. Дел се позиционираат во насока на евентуален нов мандат, дел ги соопштуваат партиските ставови, а не недостасува и личниот анимозитет. Според податоците од трите истражувања спроведени од Институтот за демократија за квалитетот на дебатата во македонскиот Парламент за периодот јануари-јуни 2023 година, на скала од 1 до 10 квалитетот е 5,5, со благо влошување на дискусијата споредено со претходниот период, кога била 5,7. Со оцена 5,5 дискусијата во Собранието не ја добива минималната потребна оцена за да се именува како „здрава дебата“, особено со оглед на лошите оцени околу отвореноста за прифаќање на туѓите аргументи и менување на сопствените ставови поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата. Генерално, квалитетот на дебатата, како и во претходните периоди е на ниско ниво, со голем простор за подобрување, стои во последната анализа на Институтот за демократија за периодот јануaри-јуни 2023 година.

Жаклина Лазаревска

Пратеничката од редовите на СДСМ Жаклина Лазареска често беше на „мета“ на опозицијата за состојбите во образованието, изнесените ставови за автопатот Охрид-Кичево, но и за патните трошоци кои ги направила тешки илјадници евра. И покрај неколкуте контакти со неа, ветувањето дека ќе даде изјава, закажаното, па откажано интервју и дадената опција да се снима online, сепак пратеничката Лазаревска полни три недели не најде време да ги одговори пред охриѓани овие прашања. Покрај стандардните прашања за досегашниот мандат, активностите и иницијативите, од неа сакавме да добиеме одговор и за тоа колку чини еден пратеник да стигне од Охрид до Скопје, со оглед на фактот дека таа беше обвинета од опозицијата и јавноста дека инкасирала илјадници евра државни пари на име патни трошоци. Од Лазаревска сакавме да слушнеме и став за обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека таа е, цитираме, „џелат“ и „гробар“ на образованието во Охрид.

На анкетата на OhridPress на која својот глас го даде репрезентативен примерок од 1.002 лица, таа освои 168 гласови од охриѓани, односно 17% од гласовите.

Во Собранието на Република Македонија Лазаревска важи за еден од поактивните пратеници со бројни поднесени амандмани, реплики и контра-реплики со колегите.

Во периодот август-декември 2020 имала 3 обраќања на пленарна седница, 13 на седници на работни тела и поднела и 6 предлог закони или амандмани.

Од август до декември 2021 година, таа имала 2 излагања на пленарна седница и 14 на седници на работни тела.

Во периодот јануари-јуни 2022 година имала 2 излагања на пленарна седница и поднела 7 предлог закони или амандмани.

Во последниот анализиран период јануари-јуни 2023 година нема излагања на пленарна седница, има 5 обраќања на седници на работни тела и 10 поднесени предлог закони или амандмани.

Лазе Танески

Јавноста остана без одговори на прашањата и од вториот пратеник од редовите на СДСМ, Лазе Танески. За него беа резервирани стандардните прашања за досегашниот мандат, активностите и иницијативите, но ќе побаравме одговор за неговата активност како пратеник, односно коментар за податоците објавени во сегментот „Мојот пратеник“ на веб страната на Собранието на Република Македонија, но и за обвинувањата изнесени од колешката Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ која неодамна јавно праша како тој станал главен хотелиер во Охрид и дали е вистина дека фирма блиска до него има камиони во РЕК Битола?

Според анализите и податоците од официјалната веб страна на Собранието на Република Македонија, во сегментот „Мојот пратеник“, охридскиот пратеник Лазе Танески во текот на целиот мандат има само едно обраќање на пленарна седница и тоа во периодот август-декември 2020 година. Во истиот период има поднесено 4 предлог закони или амандмани и учествувал на 4 работни тела. Од август до декември 2021 година, тој немал излагања на пленарна седница и не поставил пратенички прашања. Во периодот јануари-јуни 2022 година Танески нема скоро никаква активност, а учествувал само на 3 работни тела. Скоро идентичен е скорот и во последниот анализиран период јануари-јуни 2023 година каде има само учество во 3 работни тела.

И покрај тоа што на 20-ти ноември беше остварен првиот контакт и Танески имаше сосема доволно време за да го соопшти ставот, со можност и за online снимање, сепак не даде изјава за „046 За Охрид се зборува!“, односно пред охриѓани. На анкетата спроведена на интернет порталот OhridPress тој освои 8%, односно 76 гласови на прашањето – Кој од охридските пратеници од 5 Изборна единица најдобро ги штити интересите на Охрид во Собранието на Република Македонија?

Грација Бакраческа

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Грација Бакраческа освои 424 гласови или 42% од гласовите. Со најмногу освоени гласови, според читателите на OhridPress кои гласале на анкетата, таа најдобро ги штити интересите на Охрид во Собранието на Република Македонија од охридските пратеници во 5 Изборна единица.

Во периодот август-декември 2020 на нејзиното место се’ уште беше д-р Кирил Пецаков. Од август до декември 2021 година, таа нема излагања на пленарна седница, а имала едно излагање на седници на работни тела, совети и други тела. Во периодот јануари-јуни 2022 година имала 6 излагања на пленарна седница и поднела 16 предлог закони или амандмани, а во последниот анализиран период јануари-јуни 2023 година имала 13 излагања на пленарна седница и 4 поднесени предлог закони или амандмани.

Во интервју за Супер радио и Ohridpress вели дека во текот на нејзиниот мандат биле поднесени бројни предлог-закони и амандмани кои се однесуваат во делот на обезбедување на финансиски средства за реконструкции на јавните здравствени установи. Сепак, истите поради теснопартиските интереси и бизнисите биле одбиени. Покрај започнатиот автопат Охрид-Кичево, за кој потенцира дека бил оставен со 50% реализација, потсетува дека останал недозавршен затворениот базен, Конгресниот центар, фабриката за отпад итн. За пратениците од Охрид кои ќе бидат дел од следниот парламентарен состав, вели дека треба да се одликуват со чесност, искреност, трудољубивост и да се грижат за интересите на нашиот град и на охриѓани.

Нејзиниот комплетен отчет и интервју за мандатот пред охриѓани ОВДЕ.

Лидија Петкоска

Во Собранието на Република Македонија, Лидија Петкоска важи за еден од поактивните пратеници од својата матична партија. Во периодот август-декември 2020 година имала 10 обраќања на пленарна седница, а поднела и 2 предлог закони или амандмани. Од август до декември 2021 година, таа имала 5 излагања на пленарна седница и поставила 3 пратенички прашања. Во периодот јануари-јуни 2022 година имала 19 излагања на пленарна седница и поднела 14 предлог закони или амандмани, а во последниот анализиран период јануари-јуни 2023 година имала 24 излагања на пленарна седница.

Во интервју за Супер радио и Ohridpress вели дека од денешна преспектива може да каже дека ги исполнила ветувањата дадени пред 4 години пред охриѓани. Амандманот за евидентирање и мапирање на еколошки зони, што беше прифатен, го апострофира како најголем успех во мандатот, а на идните пратеници од Охрид им порачува да се огледаат на позитивните примери од нивните претходници и да го прифатат сето она, што според нив е правилно и добро во борбата за оние кои што ќе им го дадат гласот и кои ќе ги испратат таму да бидат нивни претставници и да бидат нивни претставници во вистинска смисла на зборот.

Нејзиниот комплетен отчет и интервју за мандатот пред охриѓани ОВДЕ.

Пред избори сме кои можат да имаат (и ќе имаат) сериозно влијание и врз државата, но и врз локалните состојби во градот. Каков ќе биде распоредот на силите на парламентарните, чив кандидат ќе победи на претседателските, може во многу да влијае и на следните изборни циклуси. Самото освојување на локалната власт на последните локални избори, значително помогна во стабилизацијата на ВМРО-ДПМНЕ како партија и средувањето на односите внатре. Токму затоа следните изборни цуклуси се многу важни и граѓаните треба да имаат реални, точни и лесно проверливи информации за оние кои треба да ги претставуваат пред државните органи.

Секои четири години големите кои од сенка ја играат главната игра, ни доставуваат список на лица за кои ние потоа можеме да гласаме… Некои тоа го викаат избори…

046 е ова и за Охрид се зборува… (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука