декември 8, 2023

Струга/Охрид, 8. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве треба да биде свечено пуштен во употреба затворениот базен во соседна Струга, со што ќе биде остварено дамнешното ветување дадено на граѓаните.

Министерот за образование Јетон Шаќири на неговиот профил на Facebook објави видео на кои се гледа дека работите се во завршна фаза и порача дека „по темелната реконструкција, за неколку дена базенот ќе биде достапен за сите студенти, спортски групи, но и за сите граѓани на Струга.“

Затворениот базен во Струга со години беше нефункционален и вон употреба. Стружани ќе добијат модерен и функционален базен на местото каде 15 години имаше рушевини и купишта смет.

На само 15-тина километри од Струга ништо ново на ова поле. Затворениот базен во Охрид е се’ уште недовршен и покрај слатките зборови и ветувања кои ги слушаме долги години.

Охридскиот базен треба да биде завршен за една година, истакна за Радио МОФ Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), која е инвеститор на изградбата, кон крајот на септември оваа година.

Мојсовски објаснува дека најголемиот проблем во изградбата се случил за време на пандемијата со коронавирусот, кога вели дека бил откажан надзорот на изградбата.

– После имавме проблем со изведувачот, кој за други предмети беше во притвор, кои што не нѐ засегаат нас и на изведувачот за нашата работа, и тука не можевме ништо да направиме. Правниците мои кажаа дека немам основ да го раскинам договорот, со нив да се продолжи и веќе се најде заедничко решение. Тие си најдоа подизведувач, кој што ќе ја истера работата, изјави Мојсовски.

Изведеноста на терен, според директорот на АМС е околу 50%, и Мојсовски истакнува дека моментално приоритет е да се затвори надворешниот дел.

Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…

Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука