декември 10, 2023

Скопје, 10. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Овој петок, 21 од украдените и потоа пронајдени икони во Албанија ќе бидат вратени дома, со што ќе останат уште дваесетина икони кои незаконски беа изнесени од државата, изјави во интервју за порталот frontline.mk министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

– За нивното враќање потребно е да се завршат процедурите. Ова е резултат на билатералните договори за соработка во областа на културата, но и на одличната комуникација која ја имаме со моите колеги од државите во регионот, напомена Стојчевска.

Во ноември минатата година беше потпишан договор за соработка меѓу Албанија и Македонија за враќање на незаконски изнесените икони во земјата на потекло. Со истиот беше предвидено враќање на 20 икони кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата, а постапката беше предвидено да се финализира по ратификација на Договорот во двете држави. Со ова се отвори процесот за враќање и на други икони од Албанија.

Историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски од МАНУ тогаш откри дека во еден период од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, од каде што се однесоа стотици икони.

– Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе не води кон Албанија. Во 2013 година, откако ги добивме првите информаци, тие беа сосема случајно објавени на националната телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите кои се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 година, мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галеријата на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија, објасни тогаш Цветковски. (Крај)

извор: frontline.mk/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука