Охрид, 11. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По традиција, најголемиот туристички центар во земјава, Охрид, ќе биде полн за новогодишните празници.
Хотелиерите и угостителите веќе ги прават завршните подготовки за успешен дочек на гостите кои најлудата ноќ одлучија да ја дочекаат на охридското крајбрежје.
Интерес има, дел од хотелите се веќе целосно букирани, а најбројни ќе бидат гостите од соседството, пред сé од Србија и Бугарија, а нема да изостанат и домашните гости.
– Интерес има, ќе престојуваат гости од регионот, Србија, Бугарија, Грција, како и домашни посетители. Полупансион во двокреветна соба е 150 евра по лице за 2 ноќевања, 216 евра по лице за 3 ноќевања и 280 евра по лице за 4 ноќевања. Новогодишната гала вечера, без сместување, изнесува 55 евра по лице, информираат од хотели „Метропол“.
– Годинава се одлучивме сместувањето да биде на база ноќевање со појадок или евентуално полупансион, нема да се организира дочек. Инерес има, гостите ќе бидат од Србија и Македонија. Цената е 40 евра по лице за ноќевање со појадок, а за полупансион е 57 евра по лице, велат од хотел „Гранит“.
– Цените се приближни како минатогодишните, гости ќе имаме најчесто од Србија, Бугарија и домашни гости. Интерес има, нудиме дводневни и тридневни аранжмани, предвидена е свечена вечера со музика во живо, имаме подготвено програма, информираат од хотел „Аквалина“.
– Во хотелскиот дел е веќе сѐ продадено, остануваат места уште за ресторанскиот дел за дочекот на 31-ви декември и за 1-ви јануари. Гостите најмногу се од партнери наши од Германија агенции што соработуваме и 90% од Србија, а ќе имаме и гости од Бугарија. Нудиме тридневни аранжмани. За во ресторанскиот дел имаме програма и таму претежно засега гостите се од Србија и други наши клиенти, велат за Супер радио и OhridPress од хотелот „Нова Ривиера“.
И Охрид се подготвува за дочек на највеселата ноќ. Централното градско подрачје е веќе украсено со новогодишни реквизити, а светна и елката на градскиот плоштад. Се очекува наскоро да биде објавена и програмата и изведувачите што ќе ги забавуваат охриѓани и гостите на Градскиот плоштад за дочекот на највеселата ноќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес