Струга, 13. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во петок и сабота, 15-ти и 16-ти декември 2023 година, со почеток во 19:00 часот ќе се игра премиерата на „Инсомнија“ од Димитрие Дурацовски, првата професионална претстава во продукција на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.
Во монодраматата игра Александра Пешевска, а e во режија на Мирослав Петковиќ, асистент на режија Мишо Димитриевски- Шипе, сценограф и костимограф Билјана Гулеска и инспициент Бојан Секулоски. Музиката е на Томислав Темелкоски, а драматургијата на Јаков Попоски, Ѓорги Крстески, Ненад Јолдески.
– „Инсомнија“ од Димитрие Дурацовски е книга која доколку Ви падне во рацете нема да останете сиромашни со знаење и пред се’ со инспирација. Претставата „Инсомнија“, инспирирана од романот е мој, личен, порив да се соочам со своето животното искуство до сега. Мое највозбудливо соочување пред се’ затоа што се искажува преку мислата на Димитрие Дурацовски, вели режисерот Мирослав Петковиќ.
Билетите се продаваат во Центарот за култура во ограничен број и по цена од 400 денари или со претходна резервација на телефонот 046/786-131, од понеделник од 08:00 до 16:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива