Охрид се сеќава: Пет години од смртта на градоначалникот, проф. д-р Јован Стојаноски
декември 15, 2023

Охрид, 15. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат пет години од прераната смрт на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Стојановски за градоначалник беше избран во октомври 2017 година. Тој беше и еден од најзначајните кадри во локалната организација на СДСМ во Охрид. Беше носител на советничката листа на локалните избори во 2013-та година и координатор на советничката група на здружената опозиција во периодот 2013-2017 година.

Пред да стане градоначалник, Стојановски работеше како професор по економски науки и доктор по Меѓународен туризам и Маркетинг менаџмент. Долги години предаваше на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде извесен период беше во деканската управа на установата. Охриѓани го паметат како добар и почитуван професор, секогаш насмеан и подготвен секого да сослуша и да помогне. Беше оженет и татко на две деца.

Во знак на почит и сеќавање на неговото дело, постхумно му беше доделено највисокото општинско признание Патрон на градот – „Св. Климент Охридски“ за 2019 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука