Охрид, 15. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Некогаш еден обичен предмет, може да разбуди толку многу спомени и носталгија за едно убаво време кое за жал повеќе го нема.
Ваков е случајот и со фотографијата од детското берберско столче, на кое голем број охриѓани во најмладите години ги добивале првите фризури.
– Дали некој го препозна ова коњче? Берберница „Брион“ пред 50 години, каршија Чинарот до Теќето. 60-годишен бербер мајстор Џеват, татко ми… Почна од 1942 година како калфа кај стариот мајстор İsa Paçacı и продолжи во задругата „Нов Живот“ во корзото карши Амамот. После стана самостоен во дуќанот на куќата на столарот Себаедин, каршија школото „Братство“. После дојде овде до Теќето, а истовремено стана претставник на занаетчиите во Стопанска комора во Скопје еден мандат. Имат потпишано многу берберски дипломи на помлади калфи од кои некои се и во Турција бербери, иселеници, напиша сеќавајќи се на овие убави времиња Cumhur Ertürk во Facebook групата KRST DZAMIJA – Nasata maala.
Познатиот охридски бербер Неат Алим- Шогун се сеќава дека вакви коњчиња имало на две локации.
– Вакви коњчиња имаше две во градот, едното беше кај мајсторот Тоска, другото кај мајсторот Џеват. Ова коњче беше во сопственост на мајсторот Џеват, се сеќава тој.
Берберот Шогун објави и фотографија од старата охридска берберница во сопственост на берберот Џеват.
– Локацијата е кај стариот Чинар, а во позадина е охридското Теќе. Сликата е од осумбесеттите, а постирана од неговиот син кој живее во Турција, додава Алим- Шогун.
И оваа фотографија е вистинска „временска машина“ и не враќа во едно многу поедноставно и убаво време. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Cumhur Ertürk