Тирана/Струга, 15. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пет икони од црквата „Св. Атанасиј“ во Струга, три икони од црквата „Св. Никола“ во селото Радожда и три од црквата „Св. Богородица“ во Струга се помеѓу 20-те дела кои по една деценија, ги врати соседна Албанија на посебна свечесност која се одржа денеска во Тирана.
Ги презеде министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска, а веќе вечерва ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Македонија. Потоа треба да помине рок помеѓу 30 и 45 дена во кој тие треба да бидат затворени, по што ќе се изложени во Музеј на Македонија, за подоцна ќе се вратат на МПЦ-ОА.
– Во меѓусебна соработка меѓу надлежните органи на двете земји се разменија информации и сознанија кои потврдија дека 20-те икони не се со потекло од Република Албанија и постојат индиции дека истите се нелегално изнесени од Македонија. Се идентификуваа иконите, црквите и манастирите во Македонија од кои иконите се незаконски изнесени. Оваа постапка е успех, но и опомена дека треба да вложиме напори безбедносно да го заштитиме културното наследство со цел истото да не биде предмет на кражби и да биде незаконски изнесено од државата- Бисера Костадиновска Стојчевска.
Украдените икони потекнуваат од југозападниот дел на Македонија и биле украдени во периодот од 2008 до 2013 година. Тие случајно беа откриени преку медиумите во Албанија во телевизиски прилог за премиерот Еди Рама. Беа идентификувани од историчарот на уметност Сашо Цветковски од МАНУ.
– Во декември 2013 година, мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галеријата на современа уметност, каде што беа депонирани иконите, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија, истакна Цветковски.
Инаку, меѓу 20-те украдени икони, е и иконата на Дичо Зограв, еден од најпознатите иконо и фрескосликари на Балканот во 19 век. Дел од иконите се украдени од црквата „Св. Атанасиј“ во Ресен, пет икони од црквата „Св. Богородица“ во селото Ѓавато, исто толку од црквата „Св. Атанасиј“ во Струга, три икони од црквата „Св. Никола“ во селото Радожда и три од црквата „Св. Богородица“ во Струга.
Според најавите, освен овие 20 икони, во музеите во Албанија идентификувани се уште 37 за кои исто така ќе почне процедура за враќање во земјава.
Паралелно со постапката мора да се работи и на зголемување на безбедноста на објектите на МПЦ-ОА во кои се чуваат иконите.
– По бројните вакви немили настани во кое беа украдени бројни вакви уметнички дело, од кои дел исчезнаа неповратно, Црквата има грижа да води поголема грижа за безбедноста на иконите. Како министерство за култура им стоиме на располагање на МПЦ-ОА ако има потреба од подигнување на нивото на безбедноста. Мора да си го чуваме културното наследство, не само иконите. Тоа е процес во кој не сме сами како министерство. Од МПЦ-ОА се согласија да се зголеми безбедноста, но тоа останува на нив. Како министерство, откако ќе го помине процесот на отстојување од 45 дена, тие ќе ги преземат иконите и ќе ги вратат назад од каде се украдени. Ќе треба да го поминеме истиот процес да се вратат и следните 21. икони. Научивме како да се води процесот кој се надеваме дека нема да ни треба повеќе. МПЦ мора повеќе да вложи во безбедноста, изјави неодамна министерката за култура за Тв Телма. (Крај)
извор: Канал 5/ОхридПрес фото: архива