Избор Македонија ТОП ВЕСТИ Хроника

Во гостиварско Врапчиште запленети 4,3 тони марихуана вредна над 10 милиони евра

Гостувар, 15. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, Единица за недозволена трговија со дрога и полициски службеници од ОВР Гостивар и надлежен Јавен Обвинител од ОЈО Гостивар, по претходно издадена Наредба од Основен суд Гостивар од правно лице во село Врапчиште – Гостивар, денеска пронајдоа и одзедоа марихуана во вкупна тежина од 4.341 килограми, вредна над 10 милиони евра.

Марихуаната е одземена по донесена Одлука на Владата на Република Македонија за одземање на Одобрението за одгледување на канабис за медицински цели на наведеното правно лице поради констатирани неправилности во работењето.

– Во изминатиот период од страна на полициски службеници од Одделот за крим полиција и ОВР Гостивар во координација со Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели беше извршена вонредна контрола при што се констатирани бројни неправилности во работењето, за што од страна на ОВР Гостивар до ОЈО Гостивар е поднесена кривична пријава по член 95 в од Законот за контрола на опојни дроги.
По донесувањето на одлуката на Владата на Република Македонија, 4.341 килограми наркотична дрога марихуана е одземена и сместена во Агенција за управување со одземен имот, информираат од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи, заедно со Комисијата од Министерството за здравство додаваат дека и во иднина ќе продолжат со контроли во правните лица кои поседуваат одобренија за одгледување на канабис за медицински цели со цел утврдување на евентуални неправилности во работењето. (Крај)

извор: МВР фото: МВР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука