Охрид, 18. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Како се купвеше некогаш?
Со теков на годиниве се смена начинот на купвење на некој работи за дома. Сега се’ е спаковано во кутии, во пластични фолии, во некакви кесина. Имат работи кои тогаш се купвеја, а сега се е поинаку. На пример тогаш маслото во продавниците се чуваше во големи метални бурина со чепој. Ако сакаш да купиш масло, се носеше шише од дома, продавачот ти туриват во шишето. После почна со замена на стаклени шишиња каде од дома носиш празни шишиња и ти менвеја за полни.
Шеќер се чуваше во дебели книжни врешчиња и од нив продавачот ти мереше во мали најлонски кесиња. Ушче во некој дуќанчиња мојт да се најт чај шеќер или шеќер во коцка. Млеко благо се носеше во едни шишиња од кило со дебела устинка. Од дома се носеше празно шише.
Кисело млеко продаваше Васил од Влашка мала. Имаше дуќан сред чаршија каршија скалине. Млекото се чуваше во метални садој од околу десет кила, а од дома се носеше котле во кое ти го туриваја млекото.
Скоро во сите дуќани се продаваше гаска за ламби. Тогаш во појќето керали и подруми немаше ламби и се користеја ламби на гаска. Ногу пати тогаш снемвеше струја и зато секоја куќа имаше вакви ламби. Леб можеше да купиш полојна или четврт.
По бутките и трафиките се купвеја цигариња на парче. По касапниците се продаваја живи кокошки. Се купвеше жива кокошка, дома се колит, попарвит, кубит… Сега немам видено, тогаш се продаваја јајца скршени или нечисти кои беја поевтини. Купвевме од фармана кај Коља Пипиле(та) (директор на фармата) или на пазар имаше трафика со продавачот Милан од Влашка мала.
Од на пазар зарзаватот или емишот се клаваше во тутурки од весници кој ги праеја пазарџиите. Исто во мали тутурки купвевме семки, кикирки, еблебли…
На плоштад имаше рибарница к’ј шо можеше да најш езерско рибно (чиста, белвици, плашици…). Продаваја Стефан Јајчар (секогаш одеше со скутник), Коте Каневче, Благо Бакал… После рибарницата ја префрлија Табана.
Од Велесто, Коњско, Велгошчи идаја кираџи кој носеја дрва торени на коњи или магариња. Врзано со купвењето се амалите кои сега ги немат. Тие стоеја покрај дуќаните. Кога се купвеше поголема работа како шпорет или некаква машина се торвеја на дрвени колички и амалите ги носеја до дома. Познати беја Сабри кој живееше Намазија, Имер, Коне и други.
Ако беше потребно песок или цименто, се носеше со коњски коли. Тие шо живееја Варош покрај езеро, вакви работи носеја со кајче.
Сега пробаја да ја смалет употребата на пластични кесина, кобајаги така се заштитвит природава од пластика, а од друга стрна све е спаковано во пластика.
Шо би рекол еден другар мој: Ам то ти е, шо ќе прајш.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината