Избор Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворена изложбата на необјавени портрети на македонски револуционери „Лица на Револуцијата“

Охрид, 23. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во спомен куќата на Христо Узунов се одржа еден исклучителен настан посветен на славното минато на Македонија и на најзначајните лица од тоа време.

– Изложбата на необјавени портрети на македонски револуционери „Лица на Револуцијата“, доаѓа во време кога секојдневно се посегнува по нашиот историски корен, нашата посебност, нашето македонство. Убеден сум дека самата изложба ќе даде придонес во самоосвестувањето на македонецот. Верувам дека изложбата ќе предизвика интерес не само кај научната фела туку и кај сите останати. Упатувам најискрени честитки до главните виновници за изложбата Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, истакна градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Изложбата се отвори во очи на одбележувањето на годишнината од смртта на охридскиот револуционер Петар Чаулев, активен и влијателен учесник во делувањето на внатрешната револуционерна организација,

– „Внатрешната македонска револуционерна организација низ фотографии, 1893-1934“ е изложба која одбележува и три јубилеи: 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Внатрешната Македонска Револуционерна организација. Во основата на изложбата лежи една цела ризница на ретки и невидени фотографии, педантно собрани во текот на една цела деценија од колекционерите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Нивната страст за историјата и фотографијата, заедно со немилосрдната потрага по историски артефакти, кулминира со изложба која несомнено ќе остави траен белег и кај македонската и кај меѓународната публика, како и меѓу научна јавност која го проучува периодот на револуционерните движења и борбата за слобода на македонскиот народ од крајот на XIX и првата половина на XX век, информираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука