декември 26, 2023

Вевчани/Охрид, 26. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според вкупниот број жители, најмногу интервенции службата за итна медицинска помош се регистрирани во Вевчани, просечно по 8 интервенции на секој жител годишно. Здравствениот центар кој покрива околу 2.300 жители, годишно има речиси 19.000 интервенции.

Кога станува збор за интервенциите само на итната или „брзата“ помош, најмногу такви интервенции, во однос на бројот на жители, неспоредливо има Вевчани, по што следат Охрид, Кратово, Велес, Штип и Кавадарци. Најмалку интервенции на брзата помош, во однос на бројот на жители, има во Македонски Брод, Тетово, Делчево и Македонска Каменица.

Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.

Најмногу интервенции просечно по еден тим има во Радовиш – дури 51 интервенција во текот на една смена од 12 часа. Следува Струмица каде во една смена просечно има по 46 интервенции и Велес со просечно 40 интервенции во една смена. Спротивно, во Ростуше има само по една интервенција во еден и пол ден и во Виница каде има само по две интервенции во смена.

Инаку, Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители. (Крај)

извор: makpress.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука