ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Муабети од Охрид и околината Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Муабети од Охрид и околината: Како беше некогаш пред и по Нова Година

Охрид, 26. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

Како беше пред и по Нова Година

Порано, а можда и сега овие деној кун крајот на годината луѓево се растрчани по дуќани да пазарет за празниците кои идет. Тогаш подготовките беја во два правци… Една група од луѓето се спремаја за Божик, а друга група се спремаја за Нова Година. За Божик пишевме порано а сега за Нова Година.

Колку шо памтам јас начинот на прослава на Нова Година ногу се смена кун крајот на шеесеттите години и почетокот на седумдесеттите. Тогаш се изградија и поновите хотели како „Инекс“, „Метропол“, „Славија“. Пред то беја „Палас“ и мотелот во Пешчани. Тие години веќе државата имаше постигнато некаков развој, почнаја да успешно да работет првите фабрики, државните установи веќе беја формирани и функционираја. Чиновниците кои работаја по општините веќе беја познати како успешни граѓани. Првите школовани кадри како доктори, адвокати, судии, инжинери, професори, директори и неизбежните локални функционери веќе идаја на сцена и почна да се гледат разлика со другите луѓе. Ова група на граѓани беја и првите гости во ново отворените хотели.

Тогаш престиж беше да си на прослава во „Метропол“. Обично секоја година таму пееше Виолета Томовска. Имаше години кога таму пееја Сенка и Зафир, Тереза Кесовија и други. Главни гости таму беја политичари од Скопје, а покрај нив мораше да бидет и локалните функционери и директори.

Луѓето шо не можеја да си дозволет пречек во хотелите или немаја коли се береја по куќи. Секој носеше од дома јадење, шо спремила жената, а за пијање беше лесно – немаше куќа шо немаше вино или ракија.

Ние ко деца почнавме да славиме во годините ко учевме средна школа. Одевме во куќа к’ј шо беше празна и родителите ошле друго место да славет. Обично дававме по некој динар и се купвеше заеднички. Главни беја другарите кои имаја плочи и грамофони – за то време грамофонот беше врв, подоцна се јавија и музичките системи. Другиот ден сите го гледавме новогодишниот концерт во Виена, а наредните деној преносите од скијачките скокови (новогодишни четири скокалници: Оберсдорф, Гармиш-Партеркинхен, Инсбрук, Бишосхофен). Некој ќе се потсетит на скокачот Богдан Норчич од Словенија.

Втората вечер пак по хотелите беше поефтино а ние ко деца излегвевме чаршија за да се видиме и поздравиме со другарите. За помаливе деца Нова година беше важна зарди пакетчината со чуколада, бомбони, слатки. Најубај беја пакетчината од „Краш“ и „Кандид“. Во некои фамилии се китеја и елки, главно природни, а после се јавија вештачките елки.

Овие деној и чаршијата беше посебно украсена. Од Електродистрибуција редеја ламби во боја по дрвата и бандерите. Излозите на дуќаните од трговските претпријатија беја украсени посебно со некакви бои, во нив беја редени дрвени чукалада во паковки, бомбони во шарени кесина, бомбони во различни бои кои не се јадеја и слично. Памтам дека дуќаните ги аранзираше Копи Карајли.

Наредните деној ќе стивнеше еуфоријата, се одеше на работа, на школа а по неколку дена ќе ги видевме и елките фрлени по ѓубрината.

Ова е како јас го памтам. Сигурно други поинаку ја славеле Нова година и имет други спомени.

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука