ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Дедо Мраз и нуркачите од „Акватек“ со подводна новогодишна еко-акција во Охридско Езеро (Видео)

Охрид, 30. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Нуркачите од Нуркачкиот клуб „Акватек“, на креативен и несекојдневен начин, викендов спроведоа подводна новогодишна еко-акција во водите на Охридско Езеро.

Облечени како Дедо Мраз, тие го направија она што го правеа толку пати во текот на годината која е зад нас – го чистеа езерото од нашата колективна срам и „делата“ кои „најдобрите“ меѓу нас ги фрлаат постојано во езерото.

– Целта на оваа еко-акција е да ги заокружиме нашите подводни активности за годинава што изминува. Дополнително, сакаме да упатиме порака до сите наши сограѓани за подигнување на еколошката свест бидејќи заслужуваме чисто езеро, не само за нас, туку и за идните генерации, порачуваат од „Акватек“.

Нуркачкиот клуб „Акватек“ изминатава година спроведе повеќе акции за чистење на езерото, во рамките на кои извлекоа габаритен шут и смет, кој не само што го загадува езерото, туку му штети и на подводниот свет.

– Охридското Езеро и останатите езера и реки се нашето непроценливо богатство. Затоа ги покануваме сите нуркачи да се вклучат во нашите еко-акции за зачувување на водите и животната средина, потенцираат од Нуркачкиот клуб „Акватек“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: НЦ „Акватек“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука