Охрид, 2. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата за изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека по новогодишните празници, Владата и кинеската компанија „Синохидро“ ќе започнат преговори за потпишување нов анекс на договорот е помеѓу најкоментираните деновиве на Facebook профилот на OhridPress.
– Сметам дека не треба јас да очекувам, компанијата во овој случај треба да даде цврсти гаранции дека се спремни да одговорат на предизвикот за финализирање на проектот. Таму се вклучени и надзорот затоа што тоа што требаше како институции да го испорачаме сме го испорачале во минатиот период. Веќе крајно време е гаранциите да се добијат од тие што треба сето тоа го го спроведат, изјави вицепремиерот за економски прашања.
Тој потврди дека има заклучок кој доаѓа од одредена анализа направена од неколку експерти дека препораката била да има нов анекс, со нов рок за финализирање на проектот, а не раскинување на договорот.
Читателите на OhridPress се видно револтирани и потенцираат дека после толку години е несериозно да се изјави дека време за губење нема, потсетуваат на огромните средства кои се потрошени и прашуваат кој ќе сноси одговорност и ќе ги врати вишоците на исплатени пари. Тие бараат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес