Охрид, 4. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Околу 1.000 охриѓанчиња ќе бидат дел од годинешната Бадникова поворка што по традиција ќе се одржи на Бадник оваа сабота, ден пред големиот христијански празник Божиќ.
Пеејќи ја возобновената христијанска песна Вечниот Бог, со ѕвезди во рака коледарчињата ќе го најават Христовото раѓање. Поворката тргнува утрото во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка Мала и ќе се движи по улицата „Јане Сандански“, булевар „Туристичка“ и охридската чаршија. Во 11:30 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ кај бадниковата пештера коледарчињата ќе ги пречека градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, заедно со советниците од Советот на Општина Охрид, директорите на охридските јавни претпријатија и останати функционери кои ќе ги даруваат со пригодни подароци.
Предводници на поворката ќе бидат Ѓоко Танески и Христијан Настоски- Пајак.
Бадниковата поворка во Охрид која се одржува 11 година по ред е во организација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид и е поддржана од локалната самоуправа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес