Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Денеска е Бадник, ден пред Божик

Охрид, 6. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е Бадник, ден наспроти еден од најголемите христијански празници Божик.

Денот наспроти Христовото раѓање се празнува со низа обичаи. Со традиционална Бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во престојната година православните христијани ќе ги дочекаат Божикните празници, претежно во кругот на најблиските. Според верувањата и обичаите, на богатата Бадникова посна трпеза ќе се најде и лепчето со паричка, а оној кој ќе го најде, се верува дека ќе го прати среќа во текот на годината.

Од рано наутро најмладите коледари во духот на традицијата секоја година со пеење бадникови песни ги посетуваат домовите на охриѓани, најавувајќи го раѓањето на Синот Божји.

Според Библијата Бадниковата вечер е „Вечер на Раѓањето”. А оние кои најстрого го почитуваат Божикниот пост, на овој ден се воздржуваат од секаква храна, освен вода се’ до вечерта кога започнува Бадниковата вечера.

Таа се одбележува во кругот на семејството, а започнува кога на небото ќе се појави првата ѕвезда. По вечерата посната трпеза не се раскрева, туку се остава така се’ до утрото, големиот ден на Христово раѓање. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука