ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Во тек се подготовките за чествување на големиот христијански празник Богојавление Водици во Охрид

Охрид, 12. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во духот на православието и востановената традиција Охрид и годинава ќе биде центар за чествување на големиот христијански празник Богојавление Водици.

Во тек се подготовките за празникот, а се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници.

МПЦ-ОА односно Дебарско-кичевската епархија и оваа година во соработка со Општина Охрид и сите помагатели во организациониот одбор ќе го организира еден од најмасовно посетените празници Богојавление во Охрид.

– Прославата на празникот на 19-ти јануари ќе започне со утринска богослужба од 07:00 часот додека божествената литургија ќе почне во 08:30 часот. Чинот на положување на Чесниот крст во водите на езерото ќе биде во 10:00 часот на градското пристаниште, а во тек е пријавувањето на капачите, информира Илија Ристески, претставник од Дебарско-кичевската епархија.

– Централната прослава на празникот ќе биде во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, исто така ќе има служба во црквата „Св. Никола Геракомија“ од каде потекнува оваа традиција, како и во останатите парохиски цркви. На денот на празникот во 12:00 часот во месноста „Сараиште“ ќе има групно крштевање, заинтересираните може да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата „Св. Никола Геракомија“. Во тек е пријавувањето за оние кои ќе сакаат да учествуваат во самиот чин на осветување на водата и положувањето на Чесниот крст, има пријави и од други градови, од Струмица, Битола и други, кој сака може да се пријави во црквите, рече Ристески.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а ќе настапи групата Next time.

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков истакна дека Водици сам по себе бил привлечен особено за туристи и се надева дека и годинава ќе биде така, со пријатно време во кое граѓаните ќе може да уживаат.

– Водици сам по себе бил привлечен особено за туристи. Многу значи што е во продолжен викенд, а покрај домашни ќе привлече и странски туристи. Покрај на 19-ти јануари, настани ќе има и следниот ден, за Денот на рибарите, рече Пецаков.

На денешниот, координативен состанок на организациониот одбор, присуствуваа претставници на општината, јавните претпријатија, Дебарско-кичевската епархија, на СВР Охрид, Капетанија, Брзата помош, Црвениот крст и нуркачките клубови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука