Избор Спорт

Македонските ракометари против Швајцарија во последниот свој натпревар на ЕП 2024

Берлин, 16. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонската ракометна репрезентација вечер ќе го има својот последен настап на Европското првенство во Германија. Противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров, ќе биде репрезентацијата на Швајцарија.

Во првите две кола, Македонците забележаа очекувани два пораза, од Франција и од Германија, додека Швајцарците успеаја да им откинат бод на фаворизираните Французи.

Од А-групата, Германија веќе обезбеди пласман во следната фаза, додека Франција само чудо може да ја спречи да не оди понатаму. Швајцарците ќе се надеваат на победата над Македонија со голема разлика и на што повисок пораз на „триколорите“ па со евентуална подобра гол-разлика да ги поминат на табелата.

Македонците кои се без ниту теоретски шанси за да ја поминат групата, посакуваат со позитивен резултат да го завршат ЕП и како третопласирани во групата да си обезбедат подобра позиција во мундијалските квалификации.

Натпреварот ќе се игра во Берлин вечер со почеток во 18 часот. Од 20:30 часот третото коло во А-групата ќе го заокружат Франција и Германија. (Крај)

извор: Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука