Охрид, 16. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро и понатаму е на четири сантиметри над просекот за јануари.
И денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), покажуваат дека езерото е на кота од 693,39 м.н.в, што е за 4 сантиметри над просекот за јануари (693,35 м.н.в) и 29 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
На оваа кота водостојот се одржува повеќе од една недела. Инаку, од почетокот на годинава езерското ниво порасна за два сантиметри. Температурата на водата е 8 степени и е за 1,2 степени повисока од просечната.
Во Охрид денес променливо облачно време со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 6. степени.
– Во четврток и петок наместа ќе има повремени врнежи од дожд и ќе дува засилен јужен ветер што ќе придонесе температурите да бидат во значителен пораст. Под влијание на студен и влажен бран во петок кон крајот на денот и во сабота врнежите ќе преминуваат во снег и ќе дува засилен северен ветер, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР