Скопје/Струга, 16. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Сашо Мијалков, како осудено лице на три години затвор во предметот „Империја“ повел постапка за условен отпуст од затворот во Струга. Но, подранил неколку дена, зашто за барање условен отпуст осуденото лице треба да има одлежано две третини од казната.
Место по Нова Година, тој барањето го поднел пред Нова Година. Тоа било и причината што кривичен совет од Основниот кривичен суд Скопје го одбил неговото барање за условен отпуст. Но, на ова решение Мијалков поднел жалба до повисокиот суд, јави порталот сдк.мк.
По се’ изгледа, наскоро ќе му дојде крајот на затворскиот туризам, односно во иднина нема да може осудениците самите да го бираат затворот во кој ќе треба да ја одлежат затворската казна. Фокус објави дека затворскиот туризам се актуелизираше кога бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, наместо во истражниот затвор во Шутка, одбраа казните за „Империја“ да ги одлежат во струшкиот затвор, каде што добија поголеми привилегии. Поточно, тие по направените спогодби го сменија местото на живеење во Охрид, по што добија право да „лежат“ во затвор од отворен тип. Ова значи дека преку ден се на слобода поради работни ангажмани, а навечер се враќаат во затворот за да преспијат. По оваа „итроштина“ беа најавени законски измени на Законот за извршување на санкциите кој сега е во собраниска процедура. (Крај)
извор: сдк.мк фото: архива