Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Зборовите ги преточуваме во дела. Општина Охрид за прв пат после долги години има нула долг по основ на судски извршни решенија и од денес Општина Охрид се вбројува помеѓу малкуте институции во Република Македонија која нема заостанат долг, рече на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Потенцира дека при преземање на функцијата општината ја затекнале со вкупен долг од околу 14 милиони евра, сума во која не е вклучен долгот кна општинските јавни прептријатија.
Зголемувањето на приходите од повеќе ставки и домаќинското работење придонесе враќање на вкупниот долг што го имаше Локалната самоуправа, рече Пецаков.
– Она што се чекаше за да може да се официјализира одблокирањето на Општина Охрид беше одлуката на Владата на Република Македонија со која долгот од некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“, кој припадна на двете општини, се брише и станува основачки влог на државата во ДЈП „Колектор“. Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и 8-те милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид со единствена намена за раздолжување градот чиј долг во еден период изнесувал околу 33 милиони евра, изјави Пецаков.
Тој заклучи дека актуелното раководство на Општина Охрид во изминатите нешто повеќе од 2 години самостојно без помош има вратено 30% од вкупниот долг кој што го имала Општина Охрид, притоа не заостанувајќи со реализацијата на инфраструктурните проекти, инвестициите во повеќе сфери и директната поддршка на граѓаните и здруженијата.
– Овој е еден од оние моменти каде нема да бидам скромен и ќе кажам дека сум горд на себе, но и сум горд и премногу благодарен на мојот тим за постигнувањето на оваа висока цел. Цел која во идниот период кој што следува позитивно ќе се одрази за Охрид и Охриѓани, рече градоначалникот.
Пецаков потенцира дека во следниот период ќе се работи и на раздолжување на општинските јавни претпријатија, а во скоро време најави дека ќе биде одблокирана сметката на едно општинско јавно прептријатие. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес