Охрид, 20. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Верни на традицијата, и покрај врнежите од снег денеска во Охрид, бројни верници достојно и како што налага традицијата, до одбележаа Денот на рибарите, кој се слави еден ден по големиот празник Богојавление Водици.
Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите традиционално се одржува во месноста „Сараиште“ и е надополнета со повеќе содржини. Се делеше храна и топла ракија и пијалоци.
– Непоколебливите капачи дадоа посебен шмек на овој ден и предизвикаа радост кај присутните. Нека ни биде за многу години, порача градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
На денешен ден на Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се „пает“, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите. Традицијата за да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила.
Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива