Охрид, 22. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и Скопје се дестинации за дигиталните номади, а Македонија е економски најпривлечна дестинација, со пресметка од 1.307 долари месечно за покривање на сите трошоци, вклучително и сместување и храна, пишува порталот Travel Off Path.
Според истиот извор, во 2024 година помеѓу главните дестинации за дигиталните номади ќе биде токму Западниот Балкан, како регион кој е надвор од Шенген зоната и место со понизок стандард од земјите од ЕУ.
– Како една од најмалку посетуваните земји во Европа, Македонија се труди да го најде своето место на туристичката сцена откако се одвои од сега веќе непостоечката Југославија. Задолжително посетете го Скопје, родното место на Мајка Тереза и финансискиот центар на земјата, но и Охрид, шармантниот крајезерски град на границата со Албанија, потенцираат од Travel Off Path.
Албанија ја опишуваат како „Грција со помал буџет“, каде што Американците може да поминат и цела година без дополнителна виза. Босна и Херцеговина е земјата со најдобро гостопримство, според порталот, додека Црна Гора, иако е една од поскапите во регионот, се опишува како одлично место за дигиталните номади. Србија, според Travel Off Path, е најскапа земја за дигиталните номади на Западниот Балкан, но препорачуваат задолжително да се посетат Белград, Нови Сад и Ниш.
Travel Off Path е водечки светски инди извор на вести за патувања, со релевантни вести за патниците ширум светот, од 2017 година. Нивните информации за патување ги читаат повеќе од 6 милиони посетители месечно. (Крај)
извор: Travel Off Path/Слободен печат фото: ОхридПрес