ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Охрид некогаш: Водич за Охрид од France Mesesnel од 1934 година

Охрид, 27. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – На Facebook страницата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 објавен е водич за Охрид од France Mesesnel од далечната 1934 година.

Во водичот се објавени ретки фотографии и информации за времето во кое се настанати и претставува вистинска временска машина во едно друго време. Текстот кој ја следи објавата на фотографиите го пренесуваме во целост.

Во 1920-тите години, Кралството Југославија се обидувало да ја живне економијата на својата нова јужна територија – Вардарската Бановина, како што тогаш ја нарекувале Македонија. Пробувале сѐ и сешто. Една од идеите била развој на туризмот. Во 1927 година во Скопје се формира Туристичкото Друштво Југ. Главна задача му била да го развие планинскиот туризам во Бановината. Добивале пари од тогашното министерство за економија, градот Скопје, Стопанската комора како и од богати поединци.

Но, луѓето немале поим од туризам. Тоа било нова и непозната работа. Немало резултати на терен. Работите се менуваат на подобро во ноември 1932 година кога друштвото ја превзема билетарницата на туристичката агенција „Путник“ во Скопје. Друштвото се сместува во една зграда и добива компатна структура. Се носат од „Путник“ луѓе кои се разбирале во туризмот. Полека бројот на членови во „Југ“ се искачил на 500, а друштвото се зачленило во Сојузот на Планинарски друштва на Југославија од каде почнале да се слеваат пари. До јануари 1934 година, туристичкото друштво „Југ“ располагало со буџет од 60.000 динари. Се отвориле филијали во Битола, Лесковац, Охрид, Кочани, Штип, Качаник, Тетово и Врањска Бања. Се основа скијачка секција која отвора три планинарски куќи на Љуботен, Кајмакчалан и Биљак кај Генерал Јанковиќ.

Работата тргнала. Друштвото „Југ“ во 1934 година решава да ги напише и отпечати првите туристички книги за Македонија: „Скопје и Околината“, „Бањи и Минерални води на Вардарска Бановина“ и „Охрид“.

За автор на книгата „Охрид“ е избран словенечкиот сликар, историчар на уметност и конзерватор France Mesesnel (1884-1945). Бил роден во Cervignan, денешна Италија. Пред Првата Светска Војна студира сликарство на Ликовната Академија во Виена. После војната ги продолжува студиите во правец на историја на уметност во Загреб и Прага, каде што и работел како асистент на факултетот. Кон крајот на 1920-тите години светот и Европа ги фаќа голема економска криза. Луѓето очајно барале работа. Едно од ретките места во тие години каде што имало работа да бираш била Македонија.

Mesesnel доаѓа во Македонија во 1928 година и се вработува како кустос во Музејот на Јужна Србија во Скопје. Основоположник е на оделението за средновековна уметност во музејот. Започнува со конзерваторски проекти низ Македонија, на пример ископините крај Суводол, Битолско. Започнува да пишува публикации за фреските од Охрид, Манастирот во Нерези, Суводол и другите македонски бисери. Во 1935 година станува доцент на скопскиот Филозофски Факултет. Еден е од првите професори по конзерваторската работа во Македонија. За време на Втората светска војна се бори на страната на партизаните. Пред самиот крај на војната, на 4-ти мај 1945 година стрелан е заедно со други 29 затвореници од квислиншката Словенечка Народна Гарда во Велико Смречје без никакво судење.

Успеав да најдам еден примерок од оваа прва туристичка брошура за Охрид од една антикварница во Сплит. Интересно е што книгата била во претходна сопственост на хрватскиот владика Јоаким Сегеди (1904-2004). France Mesesnel е автор на илустрацијата на насловната корица. Очигледна е неговата инспирација од францускиот Арт Деко стил кој бил во мода во 1930-тите години. Охрид во оваа Арт Деко илустрација личи на француските Ментон, Кан или Сан Тропе од носталгичните реклами од тоа време. Mesesnel е исто и автор на текстот, како и на голем број од фотографии репродуцирани во туристичкиот водич. Интересно е да се види колку многу Охрид се изменил во минативе 90 години.

Водичот и фотографиите во целост можете да ги погледнете ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука