ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Александар Ѓурчев: Не се чувствувам виновен, за ова знаме сум емотивно врзан

Охрид, 29. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Основниот суд во Охрид денеска се одржа претрес по барањето за покренување постапка против охриѓанецот Александар Ѓурчев за истакнување на знаме со Сонцето од Кутлеш, односно сторен прекршок по член 18 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Судијата Бојан Мартиноски го сослуша излагањето на адвокатот Тони Менкиноски, кој денеска беше во својство на бранител на обвинетиот Ѓурчев.

– Согласно Европската конвенција за човекови права и член 6 од истата, во која стои дека мора да постои еднаквост на оружјата, бараме судот да го обезбеди присуството на поднесувачот на пријавата за да го образложи обвинението, побара адвокатот Менкиноски.

Судот го одби ова барање, со порака дека поднесеното писмено барање е доволно и дека постапката ќе се води во рамките на процесните и материјални закони.

Обвинетиот Ѓурчев, во своето излагање пред судот истакна дека не се чувствува виновен за прекршокот за кој се товари.

– Го почитувам знамето кое го истакнав. Тоа беше национално знаме на Македонија извесен период. Сите сме сведоци дека ова знаме може да го забележиме на бројни спортски натпревари и културни манифестации и дека е општо прифатено од голем број жители во државата. Немав намера да ги омаловажам државните симболи и да ја навредам државата. На местото каде го поставив знамето немаше во близина ниту едно друго знаме, не покрив ниту едно друго знаме, немаше пароли и натписи поставени од моја страна. Уште како дете, кога ме носел мојот дедо во црква, сум го гледал насекаде ова знаме за кое сум емотивно врзан, истакна Ѓурчев.

Бранителот во завршните зборови побара ослободителна пресуда за обвинетиот Ѓурчев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука