Струга, 29. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – На граничниот премин „Ќафасан“ е спречен обид за нелегално изнесување на поголем број автоделови во вредност од околу 200 илјади денари, информираат од Царинската управа на Република Македонија.
Истите биле откриени при контрола на товарно моторно возило чиј возач изјавил дека возилото е празно и оти нема ништо за пријавување.
– Во кабината на возилото во просторот помеѓу седиштата, под возачкото и совозачкото седиште, во преградите во кабината и преградите на левата и десната врата сокриени биле 241 парчиња различни автоделови за коишто возачот немал никакви документи, стои во информацијата.
Воедно царинските службеници на „Ќафасан“ спречија и шверц на 100 шишенца колаген што албански државјанин без да ги пријави сакал да ги внесе во државава. Истите се откриени во три црни ќеси кои патникот ги скрил во ранецот.
Во сите случаи стоката е запленета, а против пријавените лица се поднесени прекршочни пријави. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Царинска управа