Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Убавините на Охрид и Македонија претставени на туристичкиот саем EMITT 2024 во Истанбул

Истанбул/Охрид, 6. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од 6-ти до 9-ти февруари 2024 година, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со туристичкиот сектор ги претставува македонските туристички потенцијали на интернационалниот туристички саем EMITT 2024 во Истанбул, Турција.

На македонскиот штанд, туристички програми презентираат претставниците од приватниот сектор: DMC Balkans Travel & Events од Охрид, BademTour „Balkan Incoming“ и Fibula Travel Macedonia.

Турскиот туристички пазар е несoмнено еден од најзначајните за Македонија. Интересот на турските туристи за македонските дестинации е со забележителен раст. Во 2023 година 21% од вкупниот број странски туристи биле гости од Турција, односно 189.221 посети и 268.974 ноќевања оствариле турските туристи. Промоцијата на македонските туристички дестинации и туристички продукти е зајакната и со медиумска кампања, која континуирано ќе се реализира и оваа година.

– Целта на промотивните активности е да се придонесе кон поголема конкурентност и препознатливост на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација, како и запознавање на светската јавност со тоа што не прави диверзивни, различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата. Трендовите налагаат развој на руралните подрачја и еко дестинациите. Следна активност на Агенцијата за туризам е зајакнување на човечките капацитети преку обуки за развој на одржливи форми на туризам и зајакнување на капацитетите за зелени дестинации и нивна сертификација, изјави директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), м-р Јасмина Лескаровска.

Како една од петте најдобри туристички изложби ширум светот, ЕМИТТ годишно привлекува околу 40.000 индустриски професионалци и туристи од 100 земји, кои бараат нови и возбудливи можности за патување од дестинации и компании за туристички услуги од целиот свет. ЕМИТТ ги отвори своите врати по 27-ми пат и како водечка туристичка изложба во регионот ги претставува новите бизниси и можности за соработка на туристичката индустрија, придонесувајќи за раст на секторот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: АППТ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука