Скопје/Охрид, 6. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на последната седница ја разгледа и ја усвои и Информацијата од Министерството за култура, за изработката на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство.
Усвоен е Извештајот, заедно со ревидиран Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023-2030).
Задолжена е министерката за култура, како претседателка на Националната комисија на УНЕСКО на Република Македонија, во соработка со Министерството за туризам и животна средина и Министерството за економија, култура и иновации на Република Албанија, да го достави Извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Извештајот, како што информираше ресорното министерство, е подготвен врз основа на доставените релевантни информации од владините органи, ресорните институции и организации, локалната самоуправа и останатите засегнати страни, што се однесуваат на реализираните, тековните и планираните активности во насока на заштитата на прекуграничното светско природно и културно наследство на Охридскиот регион и исполнувањето на препораките на мисиите на УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес