Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски и Рустеми денеска во посета на трасата на автопатот во изградба Кичево-Охрид

Скопје/Охирд, 7. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Министерството за транспорт и врски денеска организираат посета на трасата на автопатот во изградба Кичево-Охрид.

Целта е, како што информираат од ЈПДП, јавноста детално да се запознае со тековните состојби на трасата во изградба.

Покрај министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, трасата ќе ја посетат и сите инволвирани страни вклучени во изградбата на автопатот, професори од Градежен факултет, проектанти, изведувачи и подизведувачи и надзор.

Според последните информации, годинава е планирано да се потрошат, односно ќе се позајмат уште 50 милиони евра од кинеската Ексим Банка за доизградба на автопатот Кичево-Охрид, стои во програмата на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за 2024 година.

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски на почетокот на годинава изјави дека трасата на автопатот била така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имало 11 свлечишта.

Експертот од ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери), кој го анализира доцнењето на изградбата на автопатот Охрид-Кичево препорача „пријателско порамнување“ и кинеската „Синохидро“ да ја продолжи изградбата. Тоа значи ниту државата како инвеститор ниту „Синохидро“ како изведувач да не бараат отштета, компанијата да ја продолжи изградбата, а новиот прифатлив краен рок за завршување на патот заеднички да го утврдат.

Своевремено, овој автопат беше најавен како мега проект и најголема инфраструктурна инвестиција. Изградбата почна во февруари 2014 година, а автопатот е во вкупна должина од 57 километри и првично беше проектиран на 374 милиони евра. Но, по неколку анекси на договорот и пролонгирање на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра, но се уште е неизвесно дали тоа ќе биде и последната цена.

Според официјалните податоци на СВР Охрид, на односната делница од 2015 година имало 105 потешки сообраќајни несреќи, во кои загинале 22 лица, а 128 се здобиле со тешки телесни повреди.

На почетокот на активностите за изградба на автопатот во 2014 година беше посочено дека станува збор за највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, како и дека изградените автопати во државата во изминатите 50 години, чинеле помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид. Средствата беа обезбедени со кредит од кинеската Ексим банка.

Според проектот, автопатот почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата, според првичниот проект требаше да има шест натпатници и 13 потпатници, како и тунелот „Пресека“ со две цевки. Градежните работи првично требаше да завршат за четири години, но ни по десет не е извесно кога и дали ќе биде пуштен во сообраќај. Последниот анекс за продолжување на рокот на изградбата на овој автопат беше усвоен во август 2021 година, кога владата и Собранието на оваа компанија им дадоа дополнителни месеци за неговото завршување. Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. (Крај)

извор: МИА/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука